Македонските младинци трипати во „ручек време“ на ЕП!

Машката младинска репрезентација на Македонија ги дозна термините за натпреварите на претстојното Европско првенство кое од 8 до 19 јули ќе се одржи во Романија, во градовите Клуж и Турда.

Избраниците на селекторот Игор Илиевски ќе настапат во групата Д, каде за противници ќе ги имаат селекциите на Норвешка, Хрватска и Данска. Пласман во главната фаза ќе обезбедат двете најдобро пласирани репрезентации од групата.

Европската ракометна федерација ги потврди термините за натпреварите, а Македонија сите три средби ќе ги одигра во „БТ Арена“ во Клуж со почеток од 13:30 часот по македонско време, а локално 14:30 часот.

Македонските младинци ќе го отворат шампионатот против Норвешка на 8 јули, веќе следниот ден ќе се соочат со Хрватска, додека групната фаза ќе ја затворат на 11 јули со дуел против Данска, која важи за еден од фаворитите за висок пласман.

Селекторот Илиевски смета на 18 ракометари за ЕП, а нема да играат двајцата најдобри од оваа генерација – Дамјан Митев и Самоил Ристевски. Пред заминувањето за Романија, репрезентацијата ќе одигра и четири контролни натпревари, со цел дополнително воигрување и темпирање на формата. На 26 и 28 јуни се дуелите со Саудиска Арабија, на 2 јули е пресметката со Грција, додека последен тест е натпреварот со Италија на 5 јули.