Македонија во елитно друштво – им се придружи на Норвешка, Данска, Шведска, Холандија…

Женската сениорска репрезентација на Македонија со победата над Азербејџан во Баку од 37:22 го завери пласманот на Европското првенство 2024.

За Македонија останува да го доигра уште последниот натпревар, против Литванија во Скопје, но овој дуел нема да има никакво резултатско значење.

Сега стручниот штаб на Македонија има доволно време да направи стратегија за настапот на континенталниот собир. Иако допрва треба да има ждрепка за групите, факт е дека за избраничките на Кристијан Грчевски нема да имаат лесни ривали.

Освен трите организатори на Европското првенство – Австрија, Унгарија и Швајцарија, засега пласман имаат обезбедено уште Данска, Шведска, Холандија, Франција, Романија, Шпанија, Црна Гора, како и најтрофејната репрезентација Норвешка.

Сите земји учеснички на Европското првенство 2024 ќе бидат познати по одиграните квалификациски натпревари денес и на 7 април, односно во недела.

16-то издание на континенталниот собир ќе се одржи во периодот од 28 ноември до 15 декември. Домаќини на најдобрите европски репрезентации ќе бидат градовите Базел (Швајцарија), Виена и Инзбрук (Австрија) и Дебрецен (Унгарија).

Дамите по пауза од 12 години изборија пласман на големо натпреварување

Македонија се пласира на ЕП!