Магдебург ќе ја брани титулата на Светското клупско првенство

Тимот на Магдебург ќе ја брани титулата на Светското клупско првенство во Каиро, откако во второто полуфинале славеше над незгодниот Ал Ахли со 28:24.

Иако египетскиот тим беше подобар во најголемиот дел од натпреварот, во првиот дел во еден момент водеше со плус шест, на пауза имаше плус три, 15:12, сепак бундеслигашот со одличната игра во финишот се избори за финале.

Предводник кај Магдебург беше репрезентативецот на Швајцарија, Мануел Зендер, кој зад своето име запиша 11 погодоци, но и подели неколку асистенции кон своите колеги.

Во таборот на Ал Ахли најрасположен беше Омар Хасан, имаше шест успешни реализации во голот на бундеслигашот.

Ривал на Магдебург ќе биде унгарскиот шампион Веспрем, кој во првото полуфинале, по продолженија, триумфираше над Барса со 39:34.