Лекиќ и Цвијиќ во животна форма, Ференцварош го сруши Ѓер и оди кон унгарскиот трон!

Тимот на Ференцварош славеше во големото дерби на унгарскиот ракомет против првакот Ѓер со убедливи 28-22 и сега тимот од главниот град е во голема предност во борбата за титулата.

Победата беше најавена уште по првиот дел кога Ференцварош имаше залиха од пет погодоци, 16-11.

Клучот на триумфот беа голманката Биро со 14 одбрани, како и екс вардарките Драгана Цвијиќ со седум гола и Андреа Лекиќ со шест, а поддршка имаа и од Клујбер и Белк, кои комбинираа 13 погодоци.

Лидерите на Ѓер, Стине Офтедал и Естел Нзе Минко заедно имаа реализација 3/12 и тука треба да се бара причината за високиот пораз, во кој голманките Тофт и Дујиндам беа солидни со 13 интервенции.

Двете екипи сега имаат по 18 бодови, но Ференварош нема пораз на девет меча, додека Ѓер има одиграно два меча повеќе. Покрај поразот од Ференцварош, Ѓер има загубено и кај Мошонмаѓаровар, па јасно е дека во пол позиција за титулата ќе биде тимот од унгарската престолнина.