Mашката репрезентација на Македонија славеше со 34-26 на реваншот од бараж двомечот против Фарски Острови и се пласираше на Светското првенство 2025 година.
Селекторот Кире Лазаров по обезбедениот пласман ги сподели првите импресии и истакна дека е горд на своите избраници за херојскиот подвиг.
,,Не сум изненаден од пласманот, верувам дека овие дечки го можат тоа, но кај нас проблем е нашиот менталитет од кој јас се плашам како тренер, многу бргу знаеме да станеме еуфорични и многу бргу да паднеме во депресија. Некој ќе речи дека ова е клише што го зборувам, но тоа е така, репрезентацијата на Фарски Осторви направи еден јак систем во изминатите години, се гордеат со тоа, но и ние треба да се гордееме со нашата репрезентација. Пресреќен сум, ова беше еден од најсреќните денови во мојот живот со мојата Македонија”, изјави Лазаров.
Стратегот на „црвено-жолтите“вели дека пласманот на СП 2025 е голем успех за новата генерација на Македонија.
,,Ние во овој бараж добивме една квалитетна репрезентација и во повеќе наврати кажав дека е квалитетна, а многумина ми ја сфаќаа изјавата како алиби за евентуален неуспех. Јас може да бидам слаб и да изгубам, но тоа да го поднесам стоејќи, па да тргнам и да продолжам понатаму. Од Фарски Острови се вративме од многу лош резултат, прифаќам дека бевме слаби, но имаше и други фактори кои придонесоа да бидеме уште послаби и да загубиме. Ова е голема работа за македонскиот ракомет, првпат обезбедуваме пласман на СП без играчи од претходната генерација. Едно е квалификации, друго е бараж. Имаме големо срце. Никогаш не сум бил алиби-играч, нема да бидам ни алиби-тренер”, додаде Лазаров.
Мундијалот 2025 ќе се игра во Осло, Хернинг, Загреб, Пореч и Вараждин од 14 јануари до 2 февруари.