Коцев: Ќе биде „машки“ натпревар – ако сакаме победа мора да го одработиме договореното

Амбициозниот Тиквеш од Кавадарци по победничкиот старт во плеј-офот против Струга го очекува гостување кај вицепрвакот во Автокоманда.

Левото крило Димитар Коцев знае дека ги очекува тежок испит и вели дека за чекор напред мора да се игра добро и на гостински терен.

„Знаеме дека ќе биде тешко гостување, сигурно не очекува „машки” натпревар. Ние имавме добар подготвителен период и како на секој, така и на овој натпревар одиме да победиме. Минатата сезона дома изигравме нерешено, на гости изгубивме од овој ривал, но за да одиме чекор напред мораме и на гости да играме добро како и на домашен терен. Тие на сите позиции се покриени со добри играчи кои неколку години се заедно и се добро воиграни. Ние ако сакаме бодови во недела мора да се бориме и да го одработиме договореното“, вели Коцев.

Натпреварот меѓу „сино-белите“ од Автокоманда и Тиквеш се игра в недела со почеток во 19:15 часот.