Кил го доби дерби дуелот со „светците“

Ракометарите на Кил во натпревар од 6. коло од Лигата на шампионите на гостувањето во Франција кај ПСЖ триумфираа со 34:28. Кил со победата над ПСЖ го презеде лидерското место во групата А, во која се наоѓа и македонскиот шампион Еурофарм Пелистер.

Првото полувреме мина во голема борба на теренот и домашниот тим беше поконкретен, но немаше голема комоција во играта. Составот на Гонзалес само во два наврати во првите 30 минути имаше максимална предност од два гола разлика (4:2, 9:7).

Резултатот во првото полувреме дури во 10 наврати беше изедначен, причина поради која што „светците“ никако не можеа да го фатат вистинскиот ритам и да зголемат на поголема позитива. По големата борба, резултатот на пауза гласеше 14:13 во корист за францускиот тим.

До 45 минута во второто полувреме се играше гол за гол, потоа откако беше 23:23, домаќините врзаа два гола во низа и се одлепија на 25:23. По предноста на ПСЖ од 26:24, гостите ја зацврстија одбраната и во 50 минута направија пресврт.

Кил најпрво израмни на 27:27, додаде уште четири гола и замина на недостижна предност од 31:27 во 57 минута. Домаќинот немаше ниту време ниту енергија да освои барем бод во дуелот со „зебрите“.