Каковски со нов интернационален предизвик, се пресели на Фарски Острови

Поранешниот кадетски и младински репрезентативец на Македонија, Бобан Каковски, во понатамошниот дел од оваа сезона ќе настапува во шампионатот на Фарски Острови.

Битолчанецот, кој во минатата сезона играше во Франција, поточно во третолигашот Сант, ги засили редовите на КИФ.

Станува збор за повеќекратен шампион на островската земја. Новиот клуб на Каковски има високи амбиции во новата сезона, посакува освојување на шампионатот и Куп трофејот.

Средниот бек веќе дебитираше во дресот на КИФ, а во претходното, 8. коло, против Х71, со осум погодоци беше најдобар во својот тим.

Каковски беше дел од Еурофарм Работник, а во Македонија ги носеше дресовите и на Голден Арт, Металург и Радовиш.