После тужбата ја испратија во филијалата, а сега ќе игра во еден од најбогатите клубови!

Црногорската репрезентативка Милена Раичевиќ, која не настапи на Светското првенство 2023, кариерата ќе ја продолжи во амбициозниот тим од Романија, Рапид Букурешт.

Довчерашниот капитен на Будуќност со романскиот вицепрвак потпиша договор до јуни, 2026 година. Доколку Рапид Букурешт се пласира во осминафиналето од Лигата на шампионите, тогаш Раичевиќ ќе може да настапи за својот нов клуб.

Искусната ракометарка кон крајот на месец ноември беше отстранета од првиот тим на Будуќност. 33-годишната ракометарка требаше до крајот од сезоната да игра и тренира во вториот тим на Будуќност, Рудар, но двете страни се договорија спогодбено да го раскинат договорот и секој да продолжи по својот пат.

Како што е познато, раководството на црногорскиот шампион одлуката за отстранување на средниот бек ја донесе поради тоа што Раичевиќ поднела тужба против клубот за ненаплатени побарувања по основ на договорот што бил склучен со претходната претседателка на клубот, Радмила Петровиќ, во сезоната 2020/21, во која не играше воопшто, бидејќи беше трудна.

Поради настанатата ситуација, селекторот на Црна Гора, Бојана Поповиќ, не ја повика Раичевиќ за настап на Светското првенство 2023. Црна Гора на Мундијалот заврши на 7. позиција и избори квалификации за настап на Олимписките игри во Париз.

Шок во Будуќност: Милена Раичевиќ поднесе тужба, клубот ја отстрани од првиот тим!

 

Се разгореа страстите во Црна Гора – Поповиќ ја „прецрта“ Раичевиќ за СП