Имнадзе од Прилеп и Орјоникидзе од Охрид на списокот на Грузија за ЕП

Десното крило на Прилеп, Левани Имaндзе, како и левиот бек од Охрид, Теимураз Орјоникидзе, кој своевремено исто така настапуваше под Марковите Кули, се најдоа на списокот кај грузискиот селектор Тите Каланадзе пред настапот на Европското првенство 2024 во Германија.

Двајцата ракометари покажуваат солидни партии во шампионатот на Македонија, па затоа нивното место на поширокиот список не е нешто неочекувано.

Имнадзе не беше во составот на Прилеп на дуелите против Мулти Есенс и Вардар поради повреда на коленото.

Меѓу повиканите има и неколку играчи кои настапувале во Македонија. Тоа се поранешните членови на Прилеп и Охрид, Мириани Гавашелишвил, Хазеин Рустамов и Зураб Цинцадзе.

Во конкуренција за настап на континенталниот собир во јануари ќе биде и Иракли Кбилашвили, кој краток период мина во редовите на Металург, како и екс ракометарот на Струга, Гиорги Дикаминџија.

Грузија во дебитанскиот настап на Европското првенство ќе настапи во група заедно со Шведска, Холандија и БиХ.