Машката кадетска репрезентација на Македонија загуби на стартот на Европското првенство од Франција со 29-28, со голот постигнат од ривалот во последните секунди од натпреварот. Французите водеа во финишот со 28-25, Македонија се врати во егал, 28-28, но во последниот напад противникот даде гол и ги освои двата бода на стартот на Европското првенство.
Избраниците на Наум Танески го отворија одлично натпреварот, поведоа со 3-0, потоа беше и 5-2 со голот од контра на Димовски, но Франција набрзина се врати во егал. Не само што израмнија ривалите, туку со серијата од пет гола поведоа со 7-5.
Пецаноски и Митев од пенал израмнија на 7-7, а во продолжение се играше гол за гол до 10-10. Потоа имавме две грешки кои беа казнети па Франција отиде на плус два, 12-10.
Се погодуваше по два пати наизменично на двете страни, а нашите момци не паднаа во ритамот, туку напротив израмнија пред паузата. Најпрво Матески беше прецизен, а потоа и Петрески од крило по една одлична акција стрелаше во последната секунда за 14-14.
Во второто полувреме Франција беше селекцијата што диктираше резултат, иако и ние имавме свои моменти и најчесто се играше израмнето. Македонија остана ослабена откако црвен картон доби Самоил Ристевски во обид да спречи опасен напад на ривалот, иако тоа беше можеби престрога судиска одлука.
Франција поведе со 26-24, но и нивниот најдобар стрелец дотогаш Пејрабо доби црвен картон. Во финишот Французите поведоа и со три гола, 28-25, но нашите храбри момци се вратија во егал. Голманот Николовски одбрани два шута во серија, Митев, Илиевски и Петрески беа прецизини за реми, 28-28. Сепак по тајм-аутот на Французите, Бурде најде празнина во македонската одбрана и на десетина секунди до крајот постигна победнички гол. Не успеавме да организираме опасен напад и триумфот остана за Франција.
Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Митев со девет и Петрески со по шест гола, додека голманот Николовски забележа 13 интервенции. Утре Македонија ќе игра против Германија од 12:00 часот.