Хорват испрати силна порака: Загреб мора повторно да стане европска сила!

По успешниот период во Швајцарија, хрватскиот стратег Хрвоје Хорват се врати на клупата на Загреб, а во големо интервју за клупскиот сајт откри дека враќањето во најтрофејниот хрватски клуб не е случајност, туку логичен чекор во неговата кариера.

Поранешниот селектор на Хрватска истакна дека отсекогаш имал желба повторно да работи во својата татковина, а можноста да го предводи Загреб во Лигата на шампионите ја смета за голем професионален предизвик.

„Ништо во животот не се случува случајно. Така е и со моето враќање во Загреб. Од една страна постоеше желбата да се вратам дома, а од друга – предизвикот да се води клуб како Загреб и да се настапува во Лигата на шампионите“, порача Хорват.

Тој нагласи дека Загреб отсекогаш бил посебен клуб за него, бидејќи токму таму ги имал најдобрите играчки денови, но призна дека заминал прерано и отсекогаш чувствувал дека еден ден ќе се врати.

Во новата сезона Хорват сака неговиот тим да биде препознатлив по цврста одбрана, дисциплина и борбеност, а главната цел е клубот повторно да направи исчекор на европската сцена. Според него, Загреб со години успева да остане дел од европската елита и покрај сè поголемата конкуренција, а сега е време да направи нов чекор напред.

Хорват во тренерската кариера ги водеше Дубрава, Нексе, германски Вецлар и швајцарски Кадетен Шафхаузен, каде освои шест трофеи, а зад себе има и искуство како селектор на машката репрезентација на Хрватска. Со неговото доаѓање, во Загреб веруваат дека клубот повторно ќе биде конкурентен и во домашното првенство и во Лигата на шампионите.

Хрватскиот првак ќе игра во Лигата на шампионите со Алборг, ПСЖ и Целје.