Грчка шлаканица за Македонија, кадетите ги чека тешка борба за опстанок!

Машката кадетска репрезентација на Македонија загуби од Грција со 26-25 на Европското првенство во Црна Гора во разигрувањето за пласман од 17 до 24 место. Со овој пораз кадетите ја искомплицираа својата судбина и сега ќе мора против Италија во „еден на еден“ дуел, да решаваат за тоа која селекција ќе обезбеди опстанок, а која ќе стравува до крајот за опстанок и да не испадне во ЕХФ шампионатите.

Во првиот дел предводени од голманот Ѓорѓи Николовски, македонските ракометари направија солидна предност. Најпрво со реализациите на Митев од пенал беше 5-2, а потоа и 9-4, иако не блескаа во нападот избраниците на Наум Танески.

Имавме напад за плус шест, но следуваа три грешки, јужниот сосед казни на два пати и македонската предност беше намалена, 9-7. Нашата „црна дупка“ траеше и натаму, Грците имаа и напад за реми, но не го искористија, па Илиевски и Ристевски за момент ја отстранија опасноста.

Македонија отиде на плус три, 11-8, но во последните секунди од првото полувреме, Грција се избори за пенал, кој беше реализиран и на пауза се замина со предност за нашите ракометари од два гола, 11-9.

Со три гола во серија на стартот на второто полувреме за три минути, Грците направија комплетен пресврт и поведоа со 12-11. Лошата серија ја прекина Поповски, но потоа следуваа уште две грешки, па ниту Митев не реализираше пенал и Грција отиде на загрижувачки плус три, 15-12.

Танески веднаш реагираше со тајм-аут, потоа Митев презема се во свои раце, а Ристевски погоди пенал и Македонија се врати на негатива од еден гола, 18-17. Потоа грчкиот селектор бараше минута одмор и неговите момци заиграа како препородени.

Ги казнуваа сите македонски грешки и отидоа на плус шест, 23-17. Македонија доцна се разбуди, успеа да намали на 25-23 со бркотница по теренот, беше и 24-24 на стартот на последната минута, но немаше време за нешто повеќе по голот на Раракос.

Седум гола за Македонија имаше Митев, а Илиевски, кој беше прогласен за МВП на мечот имаше шест погодоци. За македонските кадети сега следува ден одмор, па на 15 август ќе се игра средбата со Италија.