Грчевски скрати список за Шпанија: Без Јанеска, но се враќа Маџовска

Селекторот на женската репрезентација, Кристијан Грчевски, го скрати списокот пред двомечот со Шпанија од квалификациите за пласман на Европското првенство.

Грчевски ќе смета на 20 ракометарки, а по подолго време во националниот тим нема да биде Моника Јанеска, која паузира од ракометот поради бременост.

Во репрезентацијата се враќа левиот бек Симона Маџовска, која поради повреда го пропушти баражот за СП против Украина, како и средбите со Азербејџан и Литванија.

Во споредба со претходниот собир за квалификациите, покрај Јанеска, ги нема крилата Миновска, Тасевска и Гугуљанова, голманката Терзиќ, како и бековите Борјана Коцева и Николиќ.

Нови имиња се четворката од шампионот Ѓорче Петров – голманката Кицеска, пивотот Дамјаноска, како и бековите Марија Јанкуловска, Божиновска и Коларовска.

Собирот на ракометарките ќе биде на 25 февруари од 12:00 часот, а првата средба со Шпанија ќе се игра на 29 февруари од 18:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

Вториот дуел против избраничките на Амброш Мартин ќе биде на 3 март во Ланцароте на Канарските Острови.

Македонија со двете победи над Литванија и Азербејџан, практично се пласираше на ЕП, а сега со Шпанија ќе се бори за првото место во групата.