Ѓорче Петров има цел: Одбрана на двојната круна

Последните сезони се неприкосновени во домашното првенство, а и сезонава тимот на Ѓорче Петров повторно е најсериозен кандидат за титулите во женското првенство. Очекувано ѓорчепетровки првиот дел од сезоната го завршија ем без пораз, ем ги полнеа мрежите на ривалите. Тоа ги исфрла во преден план и пред почетокот на плејофот.

Во плејофот сега освен Ѓорче Петров се уште и екипите на Чаир, Вардар, Астибо, Куманово и Металург Автокоманда.

„Се исфлитрираа екипите за овој плеј-оф, иако некои групи беа навистина многу лесни. Би требало сега да биде поизедначено на натпреварите. Ние ќе одиме на победа и на одбрана на титулата и на Куп трофејот“, вели Симе Симовски, тренерот на Ѓорче Петров.

Сега има повеќе тимови кои имаат свои „математики“ и ќе се обидат да го симнат актуелниот шампион од тронот. Само две екипи се надвор од Скопје.

„Секако дека не бегаме од тоа дека сме фаворити. Но, мораме и ќе внимаваме и на другите ривали. Тука е Чаир кој се повеќе оди напред и се засили, Металург Автокоманда е подмладен, Куманово го има истиот тим. Сите се обидуваат да одат чекор напред со резултатите. За нас успех би бил само двојна круна“, вели Симовски.

Во моментов тимот со кој ќе играат е овој и нема менување, но потоа до 2 февруари има можност за нови засилувања.

„Секако дека преговараме со можни засилувања, и сакаме да ја зголемиме конкуренцијата. Имавме повредени, но сега се е добро и ќе бидеме секако фокусирани на мечевите што ни претстојат. Секоја екипа со која треба да играме се анализира, и во зависност од тоа и ни есе прилагодуваме. Имаме доста искусни играчи и верувам тие ќе можат да спроведат се што се бара од нив“, продолжи Симовски.

Сезонава РФМ повторно го смени системот, па се почна со групи, па сега се игра во нова група од најдобрите шест тима кои ќе се борат за титулата. Факт е дека нешто треба да се менува

„Сега не ми се допаѓа овој систем, има екипи кои с енатпреваруваат со многу млади и неискусни, не се инвестира во екипите, туку само да се биде дел од лигата. Сметам дека треба да бидат максимум 8 екипи, и да има и прва и втора лига. Тоа бара инвестирање од клубовите, и само така ќе имаме напредок и добра ракомет“, смета Симовски.

Ѓорче Петров ја стартува одбраната на титулата во плеј-офот на домашен терен против вицепрвакот Чаир. Натпреварот ќе се игра во „Христо Батанџиев“ од 17:00 часот.