Тимот на Бутел Скопје врти нова страница во клупската историја со новиот стратег Стојанче Стоилов, а веќе е познато и првото засилување за претстојната сезона во која клубот ќе влезе со големи амбиции за успех на домашна и меѓународна сцена.
Според информациите на 24Ракомет, прво засилување ќе биде искусниот чувар на мрежата Градимир Чаневски, кој по четири сезони одново ќе го брани голот на Бутел Скопје, каде што мина една година. Бутел Скопје и во новата сезона ќе продолжи со македонскиот концепт и со ангажман на домашни ракометари.
Чаневски е искусен голман, кој треба да донесе сигурност меѓу стативите по заминувањето на Благојче Трајкоски и Александар Стојаноски во Прилеп, односно германската Аполда.
Тој потекнува од школата на Металург, каде остана до 2010 година, играше во Вардар до 2014 година, па во Вардар Јуниор две сезони, потоа се пресели во Битола, каде беше дел од Еурофарм Пелистер пет сезони, а беше и капитен на пелистерци.
Следуваше една сезона во Бутел Скопје, потоа и првото интернационално искуство во Израел, каде стана шампион со Макаби Ришон Ле Зион, а македонскиот голман беше избран и за најдобар на таа позиција во лигата за сезоната 2023/24.
Последните две сезони ги мина на голот на Охрид, а ова лето прави камбек во Бутел Скопје и ќе соработува со Стоилов, со кој настапуваше во „црвено-црниот“ тим до 2014 година.
Бутел Скопје во новата сезона освен на домашна сцена, ќе игра и на меѓународна сцена во ЕХФ Европскиот Куп.






















