Во Подгорица денеска беше направен голем чекор за иднината на регионалниот ракомет, откако официјално беше потпишан договорот за формирање регионални лиги во машка и женска конкуренција.
Договорот го потпишаа ракометните федерации на Македонија, Црна Гора и СРбија, со што и формално започнува реализацијата на амбициозниот проект кој треба да донесе поквалитетен и поконкурентен ракомет во регионот. Првиот човек на македонскиот ракомет, Александар Стефанов, беше дел од состанокот во главниот град на Црна Гора.
Во машката регионална лига ќе настапуваат вкупно десет клуба, по четири од Македонија и Србија, како и два од Црна Гора. Женската лига, пак, ќе брои десет екипи од пет држави – Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија, со по два претставника од секоја земја.
Главната цел на проектот е создавање посилен натпреварувачки систем кој ќе овозможи повеќе квалитетни натпревари, подобар развој на младите ракометари и тренери, поголема медиумска видливост и нови комерцијални можности за клубовите и федерациите.
Особено значајно е што иницијативата е заеднички проект на федерациите и клубовите, базиран на партнерство, доверба и заедничка визија за развој на ракометот во Југоисточна Европа.
Во следниот период ќе биде формирана заедничка канцеларија на лигите, а дополнително ќе се дефинираат натпреварувачките правила, организацискиот модел и календарот за старт на новото натпреварување.
Со овој потег, регионот добива ново амбициозно ракометно поглавје, со јасна цел – создавање модерна, стабилна и атрактивна регионална лига која ќе биде гордост за целиот европски ракомет.
Дополнително ќе биде познато кои четири машки и две женски екипи од Македонија ќе играат во пилот изданието. Најверојатно кај мажите ќе се играат три турнири – во Подгорица, Скопје и Белград, додека дамите веројатно ќе играат во две групи.

























