Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во натпревар од 3. коло до Лигата на шампионите беше поразен на гостувањето во Романија кај Динамо Букурешт со 34:25. За пелистерци ова беше трет пораз во елитното натпреварување, додека романскиот шампион дојде до трет триумф, по оние против Фредериција и Висла Плоцк.
Стартот на натпреварот во Букурешт донесе изедначена игра, домаќините поведуваа, пелистерци израмнуваа. По десет минути игра резултатот беше 4:4, додека кон средината на првиот дел тимот на Давид Дејвис се одлепи на плус три, 8:5.
Пелистерци со голот на Пешевски ја прекинаа серијата на домаќините, намалија на 8:6 во 15 минута. До овој момент, голманот на домашниот тим Цупара имаше само една одбрана, но затоа нападот делуваше речиси перфектно.
Избраниците на Бранко Ангеловски парираа, не дозволуваа Динамо Букурешт да стекне солидна предност и во 18 минута дојдоа до минус еден, 9:8. Во преостанатите десет минути од првиот дел, домаќините постепено ја зголемуваа предноста, дојдоа до плус пет во 25 минута, 15:10 и на пауза заминаа со предност од 19:13.
Динамо Букурешт за само седум – осум минути игра во вториот дел дојде до двоцифрена предност, поведе со 25:15 и тука беше веќе јасно дека бодовите ќе останат за домашниот состав. До крајот немаше поголема промена на теренот, составот на Ангеловски се обидуваше да дојде до помала негатива, но на крај беше поразен со девет гола разлика.
Голманот на Еурофарм Пелистер, Никола Митревски бранеше солидно, натпреварот го заврши со 14 интервенции. Прво име во таборот на македонскиот претставник беше Филип Кузмановски со девет погодоци, а го следеше Богдан Радивојевиќ со шест. Во победничката екипа Миклош Роста беше најрасположен, имаше седум погодоци.