Еурофарм Пелистер го комплетира ростерот за сезоната 2026/27 со уште едно засилување на средната бековска позиција. Нов ракометар на битолскиот тим е српскиот репрезентативец Алекса Колаковиќ, кој потпиша договор на една сезона, со опција соработката да биде продолжена за уште една.
Станува збор за 28-годишен среден бек, роден во Подгорица, висок 192 сантиметри, кој во Битола доаѓа од францускиот ракомет. Колаковиќ зад себе има сериозно искуство во една од најсилните лиги во Европа, а во Франција настапуваше за Сант Рафаел, Шартр и Билер.
Колаковиќ рано замина во Франција, уште како млад ракометар, а најголемиот дел од кариерата го мина во Сант Рафаел. Таму доби шанса да се развива во силна средина и да игра европски натпревари, меѓу другото и во ЕХФ Купот. Во 2019 година, ЕХФ го претстави како еден од симболите на иднината на Сант Рафаел, откако младиот плејмејкер доби поголема минутажа и одговорност во период кога тимот имаше проблеми со повреди.
По периодот во Сант Рафаел, Колаковиќ две сезони беше дел од Шартр, а потоа продолжи во Билер. Францускиот ракомет му донесе искуство во брз, физички и тактички силен систем, што треба да биде важна препорака за новиот предизвик во Битола.
Средниот бек има и шест настапи за српската репрезентација. Иако е роден во Подгорица, настапува за Србија, а претходно беше дел и од младинските селекции. Во Еурофарм Пелистер треба да донесе организација во нападот, дополнителна креативност и поголема ротација на позицијата среден бек.
Интересен детал од неговата спортска биографија е и семејното потекло. Татко му Игор Колаковиќ е познат одбојкарски тренер, поранешен селектор на Србија и тренер кој има освоено повеќе медали, додека неговата мајка Сандра била ракометарка и дел од генерацијата на Крим што ја освои Лигата на шампионите во 2001 година.
Колаковиќ е деветто засилување за новиот тренер Лино Червар во летниот преоден рок. Претходно во Битола беа промовирани Серафимов, Котар, Мехмедовиќ, Џелетовиќ, Татар, Белистојаноски, Басанесе и Џелиловиќ, а со доаѓањето на српскиот среден бек, битолчани го затвораат мозаикот за новата сезона.
Еурофарм Пелистер ја започнува новата ера под водство на Лино Червар со значително променет состав и јасна желба повторно да биде конкурентен на сите фронтови. Колаковиќ ќе биде претставен пред јавноста на стартот од подготовките, закажан за 24 јули.
____________________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________























