Еурофарм Пелистер и Тиквеш ги чека напорна недела – ќе одиграат по три меча

Македонските претставници во Лигата на шампионите и Европскиот Куп, Еурофарм Пелистер и Тиквеш, ги очекува напорна недела.

Битолскиот и кавадаречкиот тим ќе одиграат по три натпревари оваа недела – два од домашното првенство и по еден од европските купови.

Очигледно во РФМ не размислувале многу за европскиот календар кога го правеле распоредот за Супер лигата, па вонредно коло е закажано за вторник/среда.

На пример тоа вонредно коло, комотно можеше да се одигра минатата недела, па да не биде премногу набиена агендата на овие два тима.

Македонскиот првак утре игра со Пролет, а следниот ден патува за Париз, каде во четврток ќе се сретне со ПСЖ. Наредниот ден се враќа од Франција, а веќе утредента, в сабота на домашен терен ќе го пречека Прилеп.

Кавадарчани пак, по тешкиот дуел со Охрид, утре го пречекуваат Скопје, в чеврток ќе му гостуваат на вицепрвакот во Автокоманда, додека в недела во „Јасмин“ играат против австрискиот Кремс во првиот меч од втората рунда на Европскиот Куп.