Драми во Битола и Свети Николе, Ѓорче Петров 2 победнички во Струга

Ѓорче Петров 2 славеше на гостувањето кај Стружанка со убедливи 28-20, а на полувремето водеше со 11-9. Домаќинките имаа свои моменти во првиот дел, но не пред пауза имаа пад на концентрацијата и избраничките на Милева Велкова стигнаа до плус два.

Второто полувреме мина во комплетна доминација на младите „лавици“, а најдобра на теренот беше Кристина Наумовска со 16 погодоци. Во домашниот состав, осум гола даде Ивана Затуроска, а седум пати стрелаше Теодора Маркоска.

Овче Поле СУ на свој терен одигра реми против Спартак, 27:27 (13:17), иако имаше шанса и десетина секунди за победнички напад, но не беше реализиран. Анастасија Сентовска за домаќинките постигна 16 погодоци. Во таборот на Спартак само две ракометарки се запишаа во листата на стрелците – Зорица Андовска (16 гола) и Надица Максимовска (11 гола).

Неизвесно беше и во Битола, каде што Пелистер, со голот на Моника Босилковска успеа да извлече бод против Деспина, 21:21 (10:10). Прилепчанки напаѓаа за победа на стартот на последната минута, но не реализираа, па казната стигна на спротивната страна со гол од пенал. Деспина доби уште една шанса, но немаше време и мечот заврши со поделба на бодовите.

Босилковска беше најефикасна во домашниот тим со шест погодоци, пет постигна Наталија Дишковска, а четири додаде Анастасија Дамјановска. Кај Деспина прво име беше Евгенија Цаневска, која зад своето има запиша осум погодоци.

Женска лига, плеј-аут, 4 коло:

Стружанка – Ѓорче Петров 2 20-28
Овче Поле СУ – Спартак 27-27
Пелистер – Деспина 21-21

Табела:

1.Деспина 9
2.Спартак 8
3.Ѓорче Петров 2 6
4.Пелистер 5
5.Овче Поле 4
6.Стружанка 1
7.Шампион 0