Довчерашниот прволигаш, тимот на Вардар Неготино, во натпревар од 6. коло од Првата лига ја совлада екипата на Македонија ЃП со 37:35 (18:16).
Натпреварот мина во голема борба, со изедначена игра, а домаќините имаа многу среќа во последните две минути.
Неготинци победата ја обезбедија во финишот, откако беше 35:35, Костадин Петров со два гола им донесе два бода на домаќините.
Токму Петров беше најефикасен во победничката екипа со 12 погодоци, по седум имаа Драган Кузманов и Петре Пеовски.
Кај Македонија ЃП прво име беше Бојан Божиновски со осум погодоци, а го следеа Матеј Марковски со седум и Мартин Бучуковски со шест погодоци.
Екипата на Јехона дојде до трет сезонски триумф во прволигашката конкуренција, откако на свој терен против Аеродром победи со 36:29.
Гостите од Скопје парираа колку што можеа во првиот дел, но во вторите 30 минути до израз дојде квалитетт меѓу двете екипи, па така домаќините се радуваа на новите два бода.
Иако Јехона во првото полувреме, односно во 21 минута, остана без искусниот Мојсие Тасески, кој доби црвен картон, сепак, останатите играчи одиграа на посакуваното ниво.
Предводник во победата на домашната екипа беше Бојан Давидоски со осум погодоци, а го следеше Мартио Јовановски со пет реализации.
Кај поразениот табор најдобар поединец беше Александар Ристовски со седум погодоци, по четири запишаа Андреј Ниновски, Благоја Зафировски и Димитар Босилковски.