Џабе патот: Дополнително го повикаа на ЕП, не одигра ниеден меч и се врати дома!

Ракометарите на Шпанија одиграа лошо на Европското првенство 2024 кое се одржува во Германија и настапот на континенталниот собир го завршија уште во првата фаза.

Шпанците успеаја да триумфираат само против Романија, додека беа поразени во дуелите со Хрватска и Австрија.

Селекторот на Шпанија, Жорди Рибера, за дуелoт со Австрија дополнително го имаше повикано десното крило на ПСЖ, Феран Соле.

31-годишниот ракометар требаше да биде замена за Каулди Одриозола, кој се повреди на првиот натпревар против „коцкестите“, но искусниот ракометар не беше во ростерот за Австрија.

Со оглед на тоа што Шпанците се елиминирани, тој само што пристигна во Германија, веднаш мораше да се врати во татковината.

Шпанија на претходното Европско првенство играше финале со Шведска и го освои сребрениот медал.