Долдуров: Камбекот во Супер лигата е враќање во старото јато, приоритет ќе биде опстанок!

Екипата на Радовиш по едногодишна пауза се враќа во најквалитетното натпреварување во Македонија, откако во суперлигашкиот бараж славеше над Еурофарм Пелистер 2 со 27:26.

Радовишани во штотуку изминатата сезона настапот во прволигашкиот плеј-оф го завршија на второто место, се изборија за суперлигашки бараж и со многу среќа направија камбек во македонската елита.

Екс ракометарот Александар Долдуров, кој работи заедно со Спасе Ѓорѓиев на клупата на старо-новиот суперлигаш, ги истакна првите импресии по враќањето во суперлигашкото друштво.

,,Желбата за победа кај момците беше пресудна во суперлигашкиот бараж против Еурофарм Пелистер 2. Ни се отвори можност која максимално ја искористивме. На полувреме од момците барав само да веруваат во себе и во екипата, да се држиме до договореното и секако борба до последен здив. Камбекот во Супер лигата за нас е враќање во старото јато каде бевме 10 години и посебно сме горди на овој успех, бидејќи не беше така сјајно на почетокот на сезоната, а сепак заврши како од бајка. Следната сезона Супер лигата ќе биде најсилната до сега, со 12 силни тимови, приоритет пред сѐ ќе биде опстанокот во лигата”, изјави Долдуров.

Раководството на Радовиш допрва треба да го потврди ростерот за новата натпреварувачка сезона.

СЕНЗАЦИЈА: Радовиш со гол од слободен удар се пласира во Супер лига!

 

 

🎥Постолов како Пранди за големо славје и камбек во елитата на Радовиш!