Стиховите од легендарната песна „Дирлада“ на групата Меморија сигурно се вртат во главата на момците на тренерот Кирил Лазаров пред финалните средби во Европскиот Куп со грчкиот АЕК Атина.
Тие сепак нема да одат од Скопје во Атина да ја видат Евгенија, туку да остварат позитивен резултат пред реваншот во македонската метропола и да го освојат трофејот во третото по ранг европско клупско натпреварување.
Ждрепката што се одржа денеска во седиштето на ЕХФ во Виена сакаше „сино-белите“ од Автокоманда да бидат гости на грчкиот АЕК Атина во првата средба од финалето на Европскиот Куп.
Терминот за првата средба ќе се бира меѓу 17 или 18 мај, додека реваншот ќе биде на програмата на 24 или 25 мај во Скопје, каде што ќе се додели и трофејот.