Дибиров: На Еурофарм Пелистер мора да му покажеме кој е газда!

Хрватскиот шампион Загреб во рамки од 5. коло од Лигата на шампионите на свој терен ќе го пречека Еурофарм Пелистер.

Загреб на четири одиграни натпревари успеа да оствари една победа и едно реми и сега со три бода останува во игра за едно од местата кои водат во следната фаза во Лигата на шампионите.

Екс вардарецот во редовите на „плинарите“ левото крило Тимур Дибиров истакна дека Еурофарм Пелистер на последните два одиграни натпревари, против Кил и ПСЖ, оставил позитивен впечаток.

,,Не е лесно за дебитант како Еурофарм Пелистер да стартува во Лигата на шампионите, што се виде на нивниот прв одигран натпревар на домашен терен, каде што направија премногу технички грешки и имаше голема нервоза во нивните редови. Во последните два натпревари тие имаа голем напредок и сè повеќе функционираат како тим. Ние сме во добра форма, но нема место за еуфорија и не смееме да летаме во облаци. Крајната цел е да ја поминеме групата, но останува да се фокусираме само на следниот ден, на следниот тренинг и на следниот натпревар. Не е лесно да се игра кога си фаворит на хартија”, изјави Дибиров за хрватскиот портал „Германијак“.

Тој додаде дека дека на битолчани ќе треба да им се покаже кој е главен во Арена Загреб.

,,Моето мислење е дека Еурофарм Пелистер од почетокот се фокусирани на нас и не знам дали тоа ќе им помогне. Знаеја дека другите противници се потешки, а сметаат дека и Загреб е во нивната категорија, па се надевам дека ќе покажеме кој е газда, дека сме подобри, дека можеме….Нивната предност е заедништво, сакаат да се рехабилитираат по поразот, но ние треба да стоиме на своето. Воопшто не треба да се замараме со нив. Треба да бидеме како роботи – кажано, завршено“, додаде Дибиров за хрватскиот портал „Германијак“.

Натпреварот меѓу Загреб и Еурофарм Пелистер се игра утре почеток во 18:45 часот.

Гојун: Дуелот со Еурофарм Пелистер ќе биде најтешкиот, мора да победиме!

 

Кос: Еурофарм Пелистер има свои квалитети, во ЛШ нема лесни натпревари!