Гојун: Дуелот со Еурофарм Пелистер ќе биде најтешкиот, мора да победиме!

Хрватскиот шампион Загреб во рамки од 5. коло од Лигата на шампионите на свој терен ќе го пречека Еурофарм Пелистер.

Загреб на четири одиграни натпревари успеа да оствари една победа и едно реми и сега со три бода останува во игра за едно од местата кои водат во следната фаза во Лигата на шампионите.

Капитенот на Загреб, Јаков Гојун, ги истакна своите очекувања пред дуелот со битолчани.

,,Ова за нас е првиот натпревар каде што сме ние фаворити, натпревар кој мора да го добиеме, а ќе биде најтешкиот натпревар од психолошка страна. Мора да го одбраниме домашниот терен, да ја оправдаме улогата на фаворити, треба да бидеме свесни за тоа. Ние го респектираме Еурофарм Пелистер. Иако се нов тим во Лигата на шампионите, сепак, се борат и играат добро. Ќе се подготвуваме за нив и верувам дека ќе има уште поголем одзив од публиката и дека ќе одиме на петтиот бод“, изјави Гојун за хрватскиот портал „Германијак“.

Натпреварот меѓу Загреб и Еурофарм Пелистер се игра в четврток, на 19 октомври со почеток во 18:45 часот.