Цела сала во шок – Берге колабираше среде натпревар!

Колштад стана шампион во норвешкото првенство со победа од 31-28 против Елверум, но триумфот беше засенет од драмата во текот на натпреварот – тренерот Кристијан Берге падна на теренот за време на второто полувреме поради срцева аритмија.

Берге бил свесен кога бил изнесен од салата во инвалидска количка, а веднаш добил медицинска помош од екипите на терен.

Според управата на Колштад, тој сега се чувствува добро, но ќе му бидат извршени дополнителни лекарски прегледи.

„Сите мисли ми се со Кристијан. Тој е мојот најдобар пријател. Многу сум исплашен,“ изјави со солзи вториот тренер Стиан Гомо по натпреварот за ТВ2.

И покрај драмата, Колштад ја освои својата трета последователна титула во Норвешка, откако со 2-0 во победи го елиминира Елверум, па ќе има шанса да аплицира за настап во Лигата на шампионите.