Екипата на Бутел Скопје ја делат милиметри до пласман во плеј-оф фазата, откако на гостувањето кај директниот ривал за едно од местата кои носат билет во разигрувањето за титулата, тимот на Голен Арт, триумфираше со 28:24.
Тимот предводен од Горан Кузманоски клучната разлика за обезбедениот три бода ја направи на почетокот на вториот дел кога при позитива од 12:11 направи серија од 5:0, се одлепи на 17:11 и до крајот на натпреварот претежно беше во солидна предност, најчесто од четири до шест гола разлика.
Бутел сега на табелата има 21 бод, со три бода помалку е Пролет (18), додека Голден Арт остана на 13. Избраниците на Глигоров за ривали во последните три кола ги имаат Прилеп, Пролет и Вардар. Ривали на Бутел во последните три кола се Еурофарм Пелистер, Вардар Неготино и Пролет.
Бутелци подобро го отворија натпреварот, поведоа со 4:1 во воведниот период, во кој домашниот тим влезе во серија на технички грешки, кои беа казнети од гостинскиот табор. Голден Арт успеа за момент да се консолидира и со погодоците на Шилегов и Милошески намали на 4:3, но со поголема мера возвратија избраниците на Кузманоски, постигнаа три гола во низа и кон средината на првиот дел се одлепија на 7:3.
Цврстата одбрана и трпеливоста во нападот беше она што го красеше гостинскиот табор во првите петнаесетина минути. Домашниот тим во желбата да направи камбек и да се врати во игра, се почесто не успеаваше да дојде до реализација. Глигоров мораше да го употреби првиот тајм-аут во 13 минута, се со цел неговите избраници да влезат во посакуваниот ритам.
Голден Арт во периодот од 9 до 16 минута имаше „црна дупка“ и само за две-три минути игра успеа да фати резултатски приклучок. По предноста на Бутел од 9:7, домаќините израмнија на 9:9 и им дадоа до знаење на гостите дека ништо не е решено. Бутел воспостави контрола во последните пет минути од првиот дел и на пауза замина со 12:10.
Откако домаќинот на почетокот на вториот дел намали на 12:11, следуваше серија на Бутел од 5:0, па така гостите во 40 минута стигнаа до плус шест, 17:11. Голден Арт на моменти се закануваше, намалуваше на четири гола разлика (19:15, 20:16) и секогаш кога требаше да фаќа приклучок не беше доволно фокусиран. Поискусниот тим умешно ја одржуваше предноста, во 50 минута имаше седум позитива, 24:17, и овие седум гола разлика му беа сосема доволни за да има мирна завршница.
Победничката екипа беше предводена од Филип Николов со девет погодоци. Во поразениот табор се истакнаа Христијан Милошески со седум и Мице Шилегов со шест реализации.