Бошковиќ: Регионалната лига не смее да биде конкуренција на домашните првенства

Новата регионална лига, доколку проектот се реализира според планот, не треба да ги замени домашните првенства, ниту да им биде конкуренција. Напротив, нејзината цел треба да биде да ги надгради националните натпреварувања и да им даде на клубовите дополнителен квалитет, поголема сцена и посилни натпревари.

Тоа во интервју за 24ракомет го истакна Предраг Бошковиќ, потпретседател на ЕХФ, кој објасни дека целиот проект мора внимателно да се постави за да не се наруши системот на домашните лиги.

„Не е идејата регионалната лига да ги уништи националните натпреварувања или да им биде конкуренција. Напротив, идејата е таа да биде дополнителен сегмент за развој на националното ниво. Домашните лиги мора да останат важни, но регионалната лига може да им даде дополнителен квалитет на клубовите, повеќе сериозни натпревари и подобра подготовка за Европа.“

Ова е особено важно за Македонија, каде што домашното првенство во последните сезони е едно од најинтересните во регионот. Бошковиќ смета дека Македонија има силна конкуренција, но и дека клубовите имаат потреба од нови ривалства и натпревари што ќе донесат поинаква тежина.

„Мислам дека Македонија можеби има и најинтересно национално натпреварување во регионот. Има неколку клубови со сличен квалитет, кои можат да создадат сериозна конкуренција меѓу себе. Но, и тие клубови не можат постојано да играат само едни против други. Потребни се нови натпревари, нови противници, нови ривалства и нова енергија.“

Според него, регионалната лига треба да создаде простор за натпревари кои ќе привлечат публика, ќе ја зголемат видливоста на клубовите и ќе ја засилат нивната конкурентност пред европските предизвици.

„Дуелите меѓу клубови како Партизан, Ловќен, Пелистер, Охрид, Војводина или други клубови од регионот можат да создадат нова база на навивачи и да ги наполнат салите. Тоа е големата потреба на оваа регионална лига – да создаде нови ривалства и да им даде на клубовите поголема сцена.“

Еден од најголемите предизвици ќе биде календарот. Сезоната 2026/27 се гледа како воведна, затоа што домашните натпреварувања не можат да се променат преку ноќ. Потребно е внимателно усогласување со националните првенства и европските купови.

„Календарот е најголемиот предизвик. Сезоната 2026/27 ќе биде микс од три натпреварувања – национално првенство, европски купови и регионална лига. Тоа мора многу внимателно да се испланира. Македонија е посебен предизвик затоа што има повеќе квалитетни клубови и Федерацијата сигурно нема да сака да го наруши квалитетот на домашното првенство.“

Тој нагласува дека ако лигата сака да успее, мора да биде поставена како сериозен систем, а не како натпреварување што ќе создава хаос во календарот.

„Ако календарот не е добро поставен, ќе имаме проблеми уште на почеток. Затоа сега се работи на модел што ќе им се понуди на клубовите и во кој регионалната лига ќе биде вклучена за сезоната 2026/27. Клубовите не смеат да бидат преоптоварени, но мора да добијат доволно квалитетни натпревари.“

Идејата е првата сезона да биде преодна, а од 2027/28 да се оди кон целосен формат. Но, клучната порака останува јасна – регионалната лига треба да биде надградба на домашните првенства, а не нивна замена.

Целото интервју прочитајте го на следниот линк – https://24rakomet.mk/intervju-predrag-boshkovik-regionalnata-liga-nosi-novi-rivalstva-i-pogolema-vrednost-za-makedonskite-klubovi/

 

____________________________________________________________________________________________________
  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________