Ангеловски: Обврска на последниот домашен меч ќе ни биде да ги израдуваме навивачите

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер утре пред својата публика ќе атакува на првите бодови во Лигата на шампионите.

Пелистерци во рамки од претпоследното, 13. коло ќе го пречекаат данскиот вицепрвак Алборг, кој првиот дуел со битолскиот тим го доби со убедлив резултат од 38:23.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранко Ангеловски, посакува неговите избраници да покажат квалитетен ракомет на последниот домашен натпревар од европската елита.

,,Мислам дека обврска на последниот домашен натпревар ќе ни биде да покажеме една добра игра и да ги израдуваме нашите навивачи. Последен натпревар на домашен терен со можеби еден од најдобрите тимови во нашата група. Алборг е екипа која доаѓа од еден европски и олимписки шампион со ѕвезди како Ландин и Хансен, како и со нови ѕвезди кои доправа доаѓаат. Мислам дека навистина ќе треба да уживаме на овој натпревар, да дадеме сѐ од себе и да се поздравиме оваа година од ЛШ со мисла дека за многу кратко време повторно ќе бидеме дел од елитното натпреварување. Ќе се бориме до крај да извлечеми што подобар резултат со овој ракометен гигант”, изјави Ангеловски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Алборг ќе се одигра утре во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.