Ангеловски: Да бевме комплетни, ќе можевме да се бориме повеќе

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето кај европскиот вицепрвак Келце со 35-25.

Тренерот Бранко Ангеловски имаше на располагање само 14 ракометари, откако во последен момент остана без бекот Каспер Кисум и пивотот Денис Василев.

Кисум не беше во ростерот поради болест, а полските власти не дозволија влез на рускиот интернационалец Василев поради „закана за јавната безбедност“.

„Беше невозможно да се победи против еден од најдобрите европски тимови, кој имаше ракометари што одиграа перфектно. Во последните 24 часа ние останавме без двајца важни играчи. Да бевме комплетни, ќе можевме да се бориме повеќе“, изјави Ангеловски.

Асистенот на Талант Душебаев, Кшиштоф Лијевски, е горд на ракометарите на Келце.

„Среќен сум и горд на моите играчи. Особено беа добри во нападот, каде што постигнавме многу голови. Среќни сме за овој момент, бидејќи на минатите натпревари имавме слаба реализација“, вели Лијевски.

Еурофарм Пелистер ќе брка први бодови во Лигата на шампионите следниот четврток на домашен терен против Загреб, додека Келце ќе му гостува на ПИК Сегед.