2Екипата на Астибо ги освои бодовите на гостувањето кај вториот тим на Ѓорче Петров, откако со голот на искусната Анчева дојде до победа од 35:34.
30-годишната Анчева голот за победа на штипскиот тим го постигна во последната секунда од пенал, па така сега Астибо има четири бода на табелата во групата А и си ги одржува шансите за пласман во плеј-оф фазата.
Тимот од Штип во најголемиот дел од натпреварот беше во резултатска предност, на пауза имаше предност од плус четири, 20:16, а во вторите 30 минути им дозволи на домаќинките целосно да се вратат во игра, но и да поведат.
Откако беше 31:29 за избраничките на Величков, младите ракометарки на Ѓорче Петров 2 направија серија од 4:0 победувајќи со 33:31. Овие два гола предност на домаќинките не беа доволни ниту за бод, гостинките не се предаваа и ја вратија предноста во свои раце. Беше 34:34 на петнаесетина секунди пред финишот, а Астибо во последниот напад се избори за пенал, кој успешно го реализира Анчева.
Токму Анчева беше најефикасна на натпревар, постигна 19 погодоци, од кои четири беа од пенал. Кај домаќинките се истака Ива Велкова со осум погодоци.