Шестото коло во Лигата на шампионите кај дамите донесе убедливи победи на Есбјерг и Ференцварош, големо изненадување во Букурешт, како и драматични завршници во Љубљана и Оденсе.
Ференцварош останува единствениот тим со максимален учинок, додека норвешка Сола ја забележа втората победа во историјата на клубот во елитното натпреварување, а прва оваа сезона.
Лига на шампиони, 6 коло, резултати:
група А
Ференцварош – Борусија Дортмунд 39-25
Есбјерг – Брест Бретањ 35-26
Крим – Будуќност 24-23
ЧСМ Букурешт – Сола 22-30
група Б
Глорија Бистрица – Сторхамар 33-26
Мец – Бломберг 32-22
Оденсе – Ѓер 31-32
Подравка – Никобинг 33-26
Ференцварош ја продолжи победничката серија
Унгарскиот состав го скрши отпорот на Дортмунд во второто полувреме, во кое постигна 23 гола. Клучна беше серијата од 7-0, со која предноста од 20-16 порасна на 27-16. Ана Кристенсен имаше 18 одбрани, а Петра Симон и Катрин Клујбер постигнаа по осум гола. Ова беше 150 победа за унгарскиот состав во историјата на Лигата на шампионите.
Реистад со десет гола во дербито на колото
По израмнетото прво полувреме, данскиот тим направи клучна разлика по паузата и стигна до убедлива победа. Хени Реистад беше незапирлива со десет гола, додека Кјара Чиманга постигна пет за Брест. Францускиот тим го претрпе вториот последователен пораз во натпреварувањето.
Победа во последните секунди
Крим конечно ги освои првите бодови во сезоната по драматичен натпревар со Будуќност. При резултат 23-23, домашниот тим остана со играч помалку, а гостинките не реализираа седмерец. Казната стигна преку Нина Жулиќ, која погоди од контранапад за голема радост на словенечкиот состав. Жулиќ и Јована Скробиќ постигнаа по осум гола во двата тима.
Норвежанките приредија изненадување
Сола го шокираше ЧСМ во Романија и ја забележа втората победа во историјата на Лигата на шампионите. Гостинките имаа контрола во најголемиот дел од натпреварот, а во второто полувреме ја искористија слабата реализација на домаќинките и поведоа со пет гола разлика. Камила Херем и Пија Гронстад постигнаа по пет гола, додека Ема Фрис беше најефикасна кај ЧСМ со седум.
Бистрица во вториот дел го скрши Сторхамар
Романскиот состав славеше на домашен терен во натпревар во кој Сторхамар успеа да поведе во првото полувреме, но домаќинките ја презедоа контролата пред паузата. Клучна беше серијата од 8-2 во вториот дел, со која Бистрица се одлепи на 27-20. Данила Со Делгадо беше најдобра со десет гола, додека Анастасија Марсениќ постигна шест за Сторхамар.
Шампионките го решија мечот по паузата
Мец се намачи во првото полувреме против германскиот дебитант, кој успеа да се врати на 13-13. Сепак, домаќинките ја вратија предноста пред паузата, а во вториот дел ја засилија одбраната и му дозволија на противникот да постигне само осум гола. Лилу Борг постигна шест гола за Мец, додека Макси Милнер и Нурија Бухер имаа по седум за Бломберг.
Унгарскиот гигант се извлече во драматична завршница
Ѓер ја запиша 14 победа во 16 меѓусебен дуел со Оденсе, но мораше да се помачи до самиот крај. Домашниот тим се врати од негатива од три гола и израмни на 28-28, но гостинките беа посигурни во последните минути. Тјаша Станко постигна осум гола за Ѓер, исто колку и Роми Маршалкеверд за Оденсе.
Хрватскиот првак стигна до вториот триумф
Подравка одигра одлично на домашен терен и уште во првото полувреме создаде солидна предност против Никобинг. Данскиот тим имаше проблеми со реализацијата и ротацијата, а голманката Аница Гудељ забележа 11 одбрани. Матеа Шошо беше најефикасна кај победничкиот тим со седум гола, додека Клара Лерби постигна осум за Никобинг.

























