Германците подготвуваат нешто невидено за финалето на СП!

Финалето на Светското првенство во ракомет во 2027 година би можело да донесе нешто досега невидено во овој спорт.

Германските организатори размислуваат завршниот натпревар во Келн да се одигра на специјална стаклена подлога со ЛЕД осветлување, која овозможува различни анимации и светлосни ефекти.

Станува збор за технологија што го претвора теренот во голем дигитален екран. Покрај стандардните линии, на подлогата може да се прикажуваат логоа на репрезентациите, реклами, статистички податоци и различни анимации, што би му дало сосема поинаков изглед на ракометниот спектакл.

Извршниот директор на Германската ракометна федерација, Марк Шобер, потврди дека идејата сè уште е во фаза на разгледување и дека конечната одлука не е донесена.

„Не сакам сега да откривам премногу. Се надевам дека наскоро ќе донесеме конечна одлука“, изјави Шобер.

Тој посочи дека пред да се донесе одлуката, треба да се разгледаат трошоците и организациските предизвици. Доколку планот биде реализиран, стаклената подлога ќе се користи за време на завршниот викенд на Мундијалот.

Оваа технологија веќе беше тестирана на завршниот турнир од Купот на Германија, кој се одржа во истата сала во Келн. Новата подлога привлече големо внимание, особено поради можностите што ги нуди за маркетинг и визуелно збогатување на натпреварите.

Сепак, реакциите на ракометарите беа различни, па останува да се види дали организаторите ќе се одлучат за ваков новитет и на Светското првенство.

Доколку добие зелено светло, финалето на СП 2027 би можело да биде првиот ваков голем ракометен спектакл, во кој теренот ќе биде дел од шоуто, а не само место за игра.