Горига со емотивна порака: Ти благодарам, Македонијо – стана многу повеќе од земја за мене!

Новиот член на македонската репрезентација се огласи откако доби право да го носи националниот дрес. Дмитро Горига порача дека новиот предизвик го прифаќа со голема гордост, благодарност и чувство на одговорност.

Дмитро Горига ќе настапува за македонската машка сениорска репрезентација, а по официјалната потврда од Ракометната федерација на Македонија се огласи со емотивна порака до македонската јавност.

Тој веќе добро ја познава земјата и македонскиот ракомет по периодот поминат во Вардар. Тој порача дека Македонија уште од првиот ден направила да се чувствува како дома, а поддршката ја чувствувал и во победите и во најтешките моменти.

„Пред сè, сакам да им се заблагодарам на сите што веруваа во мене и ме поддржуваа во текот на целиот овој период. Уште од моите први денови тука, Македонија направи да се чувствувам како дома. И во поразите и во победите, во секој момент од ова патување ја чувствував поддршката од луѓето од сите краишта на земјата. За тоа, сакам од срце да му се заблагодарам на секој од вас!

Во моментов ме обземаат многу различни емоции, бидејќи ова претставува голем чекор во мојот живот – чекор што ја менува мојата перспектива и ми отвора сосема нова страна на ракометот. Ова е огромна одговорност, нов предизвик и ново поглавје што го прифаќам со голема гордост и благодарност.

Знам дека пред мене стојат многу нови искуства, предизвици и одлуки, кои ќе бараат уште поголема сила, карактер и чувство на одговорност. Но, токму ваквите моменти нè поттикнуваат да растеме, да ги надминуваме сопствените граници и да стануваме подобри – не само како спортисти, туку и како луѓе.

Тука доживеав цел спектар на емоции – подеми и падови, тешки моменти и незаборавни победи. Токму тука вистински ја разбрав вредноста на тоа да имаш луѓе што веруваат во тебе, дури и кога работите не се одвиваат според планот.

Во животот на секој спортист доаѓа момент кога е време да направи чекор напред, да прифати нов предизвик и да преземе уште поголема одговорност. За мене, тој момент дојде денес.

Ти благодарам, Македонијо, за довербата, за љубовта и за тоа што стана многу повеќе од само една земја за мене“, порача Горига.

Со неговото приклучување, селекторот Кирил Лазаров ќе добие дополнителна опција во надворешната линија. Горига располага со силен шут од далечина, може да игра во двата правци и веќе е добро запознаен со македонскиот ракомет и со дел од репрезентативците.