Ракометарките на Илинден Вардар запишаа втора победа во новата сезона од женската пионерска лига, откако славеа кај Атлетик со 18-11.
Андреа Велковска со осум и Јана Миленковска со седум гола беа предводнички во триумфот за тимот на Александра Јанев, додека кај Атлетик по три пати погодија Далила Зекир и Катја Маркоска.
Втор триумф во новата сезона оствари и тимот на Струга. Стружанки славеа на гостински терен кај Спартак со 22-17. Иако домашните водеа со пет гола, 10-5, имаа и плус три во вториот дел, 13-10, сепак Струга со серија од седум гола по ред направи комплетен пресврт.
Во финишот Спартак немаше шанси да се врати. Елена Ѓонеска даде пет погодоци за Струга, додека по шест пати за Спартак постигнаа Катарина Ракиќ и Јана Илиевска.
Јехона славеше во драмата со Делчево Вардар со 15-14, иако гостинките водеа со 14-13. Сепак тимот од Гостивар со двата гола на Еда Далипи успеаја да направат пресврт и во последната минута да ги освојат двата бода.
Штипски Астибо го совлада Вардар со 15-11, а домаќинките до триумф ги предводеше Сандра Донева со седум гола, додека четири за „црвено-црните“ постигна Ивана Вељаноска.
Пионерки, 2 коло, резултати:
Јехона – Делчево Вардар 15-14
Астибо – Вардар 15-11
Атлетик – Илинден Вардар 11-18
Спартак – Струга 17-22
табела: 1. Илинден Вардар 4, 2. Струга 4, 3. Спартак 2, 4. Астибо 2, 5. Вардар 2, 6. Јехона 2, 7. Атлетик 0, 8. Делчево Вардар 0

























