Пелистерци со негатива на паузата кај Гумерсбах

Ракометарите на Еурофарм Пелистер имаат негатива од пет гола на гостувањето кај Гумерсбах, 20-15, во мечот од третото коло во Лигата на Европа. Пелистерци парираа одлично петнаесетина минути, па имаа мал пад во играта што беше искористен максимално од домашните за да направат плус шест, битолчани намалија на минус три, но момците на Сигурдсон казнија две технички грешки за пет гола залиха за вториот дел.

Пелистерци поведоа со 2-0 со головите на Серафимов и Ристевски, а Митревски фати и пенал на Рогановиќ, но Гумерсбах ги казни двете промашувања на битолчани и направи пресврт, па по седум минути беше 5-3 за домашните.

Червар ја форсираше играта „седум на шест“ на стартот на мечот, а тоа даваше плод со асистенција до Пешевски или Ристевски, или беше изнудуван пенал. Еурофарм Пелистер израмни на 5-5, а во продолжение се играше гол за гол.

Душебаев беше меѓу најекспонираните ракометари на Гумерсбах и им задаваше проблеми на пелистерци, а по дваесетина минути Червар мораше да бара тајм-аут, кога Гумерсбах отиде на плус четири, 13-9.

Беше 10-9, следуваа две грешки во додавањата и два погодока на празен гол, па две одбрани на Облинг, и со серија од четири гола домаќинот направи солидна залиха. „Црната серија“ ја прекина Кузмановски со гол од пенал за 14-10.

Беше највисоки плус шест за Гумерсбах, 16-10, со два врзани гола на Кузмановски се намали негативата, 17-14, но повторно две грешки и домашните отидоа на плус пет, 19-14. Имаше уште по еден гол на двете страни пред паузата.