Чупиќ: Ова е патоказ како треба да изгледа Вардар

Вардар го доби дербито против Охрид со убедливи 27-18, откако уште во првото полувреме изгради висока предност од 14-6. Тренерот Иван Чупиќ беше задоволен од агресивноста во одбраната и трпението во нападот, но потенцира дека дуелот со Висла Плоцк во Лигата на шампионите ќе биде сосема поинаков предизвик.

Црвено-црните од почетокот го наметнаа својот ритам, ја контролираа средбата и не му дозволија на Охрид сериозно да се врати во натпреварот. За Чупиќ, ова издание претставува потврда дека екипата се движи во посакуваната насока.

„Мислам дека сигурно сме на вистинскиот пат. Овој натпревар, по речиси два месеца работа, беше патоказ за тоа како сакаме да играме во одбраната, колку сакаме да бидеме агресивни и колку трпение сакаме да имаме во нападот. Можеби во последните десетина минути нападот не беше онаков каков што очекувавме, но кога имате предност од девет или десет гола, тогаш тоа не е толку важно за конечниот впечаток од натпреварот“, изјави Чупиќ.

Високата победа доаѓа пред новиот предизвик во Лигата на шампионите, каде Вардар ќе ја пречека Висла Плоцк. Сепак, тренерот на црвено-црните не сакаше да ги споредува двата натпревари.

„Не би го поврзувал овој натпревар со Висла. Тоа е нешто сосема друго. Без намера да го омаловажуваме Охрид, Лигата на шампионите е друго ниво. Интензитетот, судењето и квалитетот на интернационалците се поинакви. Висла е екипа која со години настапува во Лигата на шампионите и нè очекува многу тежок натпревар.“

Чупиќ очекува уште подобро издание на својот тим и верува дека со поддршка од исполнетите трибини Вардар може да стигне до првата победа во елитното европско натпреварување.

„Против Висла сите сегменти од нашата игра мора да бидат добри и мора да бидеме уште поквалитетни. Нè очекува тежок натпревар, но сите натпревари во Лигата на шампионите се тешки. Така ќе се поставиме и така ќе се подготвуваме. Се надеваме дека пред полна сала ќе успееме да стигнеме до првата победа во Лигата на шампионите“, заврши Чупиќ.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾

Дерби само на хартија: Вардар го надигра Охрид во „Јане Сандански“