Ракометарите на Тиквеш пропуштија златна шанса за сензационално да освојат еден бод на гостувањето во салата „Автокоманда“ кај тимот на Кирил Лазаров, кој на крајот славеше со 31-30 и остана на максимум по пет кола, но доби опомена пред дербито со Охрид.
Упорните кавадарчани ги користеа своите шанси и ги казнуваа грешките на домаќинот, кој во повеќе наврати водеше во второто полувреме со по пет голови разлика. Одличен на голот на Тиквеш во вториот дел беше Велков, кој запре неколку удари во серија и ги врати неговите соиграчи во мечот, па по 30-27 за тимот на Лазаров, кавадарчани израмнија на 30-30, пред Костески да даде гол за водство, што на крајот ќе се покаже и победнички.
Избраниците на Кирил Лазаров одлично го отворија натпреварот и поведоа со 4-1, а предноста ја одржуваа до 7-4. Тиквеш, сепак, не се предаде и со головите на Габара, Лазов и Бен Махфуд стигна до израмнување 7-7. Но со поддршка на Галевски, „сино-белите“ од Автокоманда отидоа одново на плус три, кои ги задржаа до паузата, 18-15.
Во вториот дел беше 20-15 за домашните, па 30-27 на пет минути до крајот, но кавадарчани приредија вистинска драма во финишот. Ончев, Димковски и Гавидија израмнија на 30-30, па Лазаров мораше да бара тајм-аут. Костески погоди за 31-30 и кавадарчани тргнаа во напад за реми. Цела минута траеше нивниот напад, упатија два удари, но вториот во последните секунди го одбрани Галевски за двата бода да останат во Автокоманда.
Најефикасен кај Тиквеш беше Мохамед Азиз Бен Махфуд со седум гола, додека кај домашните по пет погодоци постигнаа Марко Митев и Никола Костески.
























