И Прилеп и Струга имаа шанси за победнички гол – на крајот драмата заврши реми!

Ракометарите на Прилеп и Струга си поделија по еден бод во пресметката од 5 коло од Супер машката лига, 29-29. Двете екипи имаа шанси во последнатта минута да постигнат победнички погодок, но не успеаја и на крајот мораа да се задоволат со нерешено.

Стружани можат повеќе да жалат, бидејќи водеа со 29-27 со головите на Танкоски и Манасков, но прилепчани не се откажаа од битка барем за бод. Најпрво Маркоски стрелаше прецизно, а потоа стружанецот уште еднаш „удри“ по своите за реми.

Трајкоски му одбрани шут на Танкоски, но домашните погрешија во завршните секунди и останаа уште седум секунди за напад на Струга. Ниту стружани не успеаја да погодат и мечот заврши нерешено.

Гостите ја имаа контролата на резултатот, особено во првите петнаесетина мнути ога беше 10-7, но Шипинкоски, Димитриоски и Стојановски набрзина го вратија Прилеп во егал, 10-10.

До паузата одново стружани со поддршка на голманот Костадиновски беа тие што водеа со 16-14, но десниот бек на прилепчани, Шипинкоски со проектил од десетина метри донесе минимална негатива на одмор за неговиот тим, 16-15.

Во второто полувреме Прилеп го врати водството, на двапати водеше со 19-18 и 21-20, но наместо да го зададе последниот удар, дозволи Струга да ја преземе контролата и да поведе со плус три, 25-22, па следуваа завршните возбудуваа, во кои двете екипи си поделија по бод.

Најдобри стрелци во домашниот тим беа Стојановски и Маркоски со по шест гола, а Димитриоски даде пет, додека голманот Трајкоски имаше девет одбрани. Кај Струга, шест гола имаше Костоски, а пет Георгиевски.