По пет години ракометарките на Вардар повторно играа европски меч и одиграа одлично прво полувреме, во кое младите македонски ракометарки имаа предност од 16-15 протрив италијански Бриксен. Сепак на крај домашните победија со 32-29. Македонскиот тим утре ќе има можност да ја надомести негативата во реваншот.
Вардар одигра храбро прво полувреме. Бриксен поведе со 8-7, но избраничките на Даниела Новеска одговорија со четири гола во низа и во 18. минута стигнаа до 11-8. Домаќинките се вратија до 14-14, а Анастасија Тодоровска во последната минута погоди за предност на Вардар од 16-15 на паузата.
Пресвртот се случи веднаш по одморот. Бриксен го отвори второто полувреме со серија од 4-0 и за помалку од три минути го смени водството во своја корист, 19-16. Вардарките не дозволија противникот да се одлепи: со три последователни гола израмнија на 19-19, а потоа останаа во игра до 22-22 во 44. минута. Во тој период Бриксен остана без Мара Хабихер, која доби црвен картон, а Ања Лашкоска погоди од седум метри за 21-21.
Клучен за исходот беше следниот налет на италијанскиот состав. По голот на Ивана Трифуноска за 24-23 во 49. минута, Вардар не постигна гол во наредните пет и пол минути. Бриксен направи серија од 4-0 и поведе со 28-23. Голманката Франческа Лучин имаше важни одбрани во завршницата и го спречи македонскиот тим повторно да се доближи.
Домаќинките стигнаа и до пет гола предност, но Вардар до крајот ја намали негативата на три. Леона Миленкоска беше најефикасна на натпреварот со десет гола од 11 обиди, од кои четири од четири од седум метри. За Вардар по четири пати погодија Лашкоска, Анастасија Тодоровска и Трифуноска. Кај Бриксен, Сара Хилбер постигна девет гола, а Мари Ајхнер, Виолета Вењи и Џада Бабо по пет.
Лучин го заврши мечот со 11 одбрани. На голот на Вардар, Вероника Ѓорѓиевска имаше седум, а Марија Галачева две одбрани, меѓу нив и одбранет седмерец во првото полувреме.
Реваншот се игра в сабота од 18 часот, повторно во Бриксен. Вардар формално ќе биде домаќин на вториот натпревар и ќе тргне по надоместување на трите гола негатива.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























