Червар без изговори: Ла Риоха апсолутно нè надигра

Еурофарм Пелистер се врати на победничките патеки со триумфот над Бутел во Скопје, 34-21, но тренерот на битолчани Лино Червар не го заборави тешкиот пораз од Ла Риоха во Битола.

По две преспиени ноќи, искусниот тренер отворено призна дека шпанскиот тим бил подобар и дека за изданието на неговата екипа нема оправдување.

Победата над Бутел беше потребна за враќање на самодовербата и подобрување на атмосферата пред следните предизвици, но Червар смета дека пелистерци мора да бидат реални при анализата на европскиот неуспех.

„Ла Риоха беше подобра од нас и тоа морам да го признаам. Што може да ѝ се каже на екипа која промашила 18 зицери? Промашивме 18 зицери, но тие беа подобри. Апсолутно нè надиграа и тука немам што друго да кажам. Од една ваква екипа не е срамота да се загуби, затоа што и ние не смееме да бидеме нереални. Мора да бидеме свесни за нашите лимити и секогаш да го дадеме максимумот за да бидеме конкурентни. Тоа воопшто не е едноставно“, изјави Червар.

Пред почетокот на натпреварите од Лига Европа од страна на медиа тимот на ЕХФ, Еурофарм Пелистер беше посочен како еден од фаворитите во групата, но Червар смета дека таквите проценки не ја прикажуваат реалната состојба и квалитетот на противниците.

„Не чувствувам никаков дополнителен притисок поради тоа. Вие сте долго во новинарството и не сте наивни. Да се каже дека Гумерсбах не е фаворит, а станува збор за една од најдобрите германски екипи, би било малку смешно. Тоа што беше кажано од ЕХФ веројатно беше добронамерно, но сигурно не е реално. Ние внесовме неколку млади ракометари од вториот во првиот тим, а не е едноставно тие веднаш да играат на вакво ниво. Потребни им се тренинзи, натпревари и време.“

Дуелот со Бутел беше можност екипата да се врати во ритам, а дел од помладите ракометари да добијат минутажа. Следен предизвик за битолчани ќе биде европското гостување во Полска.

„Ваквите натпревари ни се потребни за подобро да се воиграме и многу ќе ни помогнат. Ако Полјаците одиграат како против Гумерсбах, тогаш тие ќе бидат фаворити на свој терен. Ние имаме свои слабости, но тоа сега не е најважно. Важно е таму да одиграме отворено, храбро и да направиме натпревар во кој навистина ќе се бориме“, заврши Червар.

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…

Пелистерци рутински до бодови кај Бутел Скопје