„Ова беше еден чекор“ – Тасевски откри како РФМ планира да го развива женскиот ракомет

Изминатиот викенд во Охрид беше во знакот на женскиот ракомет. Покрај натпреварите од „Трофеј Македонија 2026“, во градот за првпат се одржа и Женскиот ракометен форум, на кој учествуваа големи имиња од македонскиот, регионалниот и европскиот ракомет.

Генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Влатко Тасевски, по завршувањето на настаните истакна дека целта не била само организација на уште еден турнир, туку создавање поширока платформа за развој и промоција на женскиот ракомет.

„Зад нас е еден убав и содржаен ракометен викенд во Охрид. Во изминатите три дена, преку „Трофеј Македонија“ и првиот Женски ракометен форум, се обидовме да направиме нешто повеќе од организација на уште еден турнир“, вели Тасевски.

На „Трофеј Македонија“ македонската репрезентација имаше можност да ги одмери силите со Србија, Хрватска и Црна Гора, што беше значајна проверка во периодот на подготовките.

„Резултатите секогаш се важни, но во овој период уште поважно е да видиме каде сме, што треба да подобриме и да создадеме услови репрезентацијата да расте низ силни натпревари“, додава генералниот секретар на РФМ.

Посебно внимание привлече првото издание на Женскиот ракометен форум. На едно место беа собрани големи имиња како Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ, кои ги споделија своите искуства со македонските ракометарки, особено со помладите генерации.

Форумот не се фокусираше само на успесите и трофеите, туку и на предизвиците со кои се соочуваат ракометарките во текот на кариерата – притисокот, повредите, односот со тренерите, самодовербата и патот до највисокото ниво.

„Сакаме младите девојки да имаат кого да гледаат, од кого да учат и да почувствуваат дека и пред нив постои пат по кој можат да стигнат далеку“, порача Тасевски.

Од РФМ посочуваат дека развојот на женскиот ракомет бара долгорочна и континуирана работа, а не може да се темели само на еден турнир или еден настан.

„Како Ракометна федерација на Македонија сме свесни дека развојот на женскиот ракомет не може да се случи преку еден турнир или еден форум. Потребна е континуирана работа – во клубовите, младинските категории и репрезентациите, но и многу поголема промоција и внимание кон женскиот спорт“, вели Тасевски.

Тој го оцени викендот во Охрид како еден чекор во таа насока и најави продолжување на активностите за промоција и развој на женскиот ракомет.

„Идејата е ваквите настани да не останат исклучок, туку да станат дел од начинот на кој заеднички ќе го градиме и промовираме женскиот ракомет во Македонија“, заклучи генералниот секретар на РФМ.