Ристовска е нај стрелец, Бешен блесна меѓу стативите во Охрид, Савиќ е МВП!

По завршувањето на „Трофеј на Македонија“ во Охрид беа познати и добитничките на индивидуалните признанија. Наградите заминаа во рацете на ракометарки од Црна Гора, Македонија и Хрватска.

За најдобра ракометарка на турнирот беше прогласена црногорската репрезентативка Ивана Савиќ. Младата ракометарка со своите настапи остави најсилен впечаток и го заслужи признанието за МВП.

Бидејќи црногорската репрезентација поради оправдани причини мораше порано да го напушти Охрид, наградата дополнително ќе ѝ биде врачена на Савиќ.

Признанието за најдобар стрелец го освои македонската репрезентативка Сара Ристовска, која беше еден од главните адути на Македонија на турнирот и постигна 26 гола. Наградата на Ристовска ѝ ја врачи генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Влатко Тасевски.

Хрватската репрезентативка Луција Бешен беше избрана за најдобар голман. Таа со своите одбрани имаше значајна улога во настапите на Хрватска во Охрид, а признанието ѝ го врачи Индира Кастратовиќ, спортски координатор на женските репрезентации на Македонија.