Тимот од Автокоманда ја оправда фаворитската улога и славеше на гостувањето кај Младост со 32-24, откако клучната предност ја обезбеди уште во првото полувреме.
Сино-белите пред околу 1.200 гледачи во Богданци подобро го отворија натпреварот и поведоа со 3-0. Младост брзо се созеде и во деветтата минута израмни на 3-3, но немаше сили подолго да го следи ритамот на гостите.
Екипата од Автокоманда ја засили одбраната и со серија од 3-0 се одлепи на 9-4. Домаќините се обидоа да останат во игра и во 24. минута намалија на 13-9, но во финишот гостите повторно воспоставија целосна контрола. Со неколку лесни погодоци ја зголемија предноста и на паузата заминаа со водство од 19-12.
Доминацијата продолжи и во вториот дел. Сино-белите стигнаа до двоцифрена предност при 24-14, по што Младост со три последователни погодоци намали на 24-17 и накратко ја врати надежта кај домашната публика.
Сепак, одговорот беше брз и решавачки. Гостите постигнаа пет гола без одговор, поведоа со 29-17 и го решија прашањето околу победникот. Највисоката предност изнесуваше 12 гола при 31-19, а Младост во завршницата само го ублажи поразот за конечни 24-32.
Урош Борзаш со пет гола беше најефикасен кај победничкиот состав, додека Улфар Тордарсон и Никола Костески постигнаа по четири. Одличен на голот беше Ѓорѓи Николовски со десет интервенции.
Во редовите на Младост се истакна Владимир Бојаниќ со седум погодоци, Даниел Андоновски постигна пет, а Тодор Узунчев и Жељко Пеиќ завршија со по четири гола.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾


























