Нема повеќе билети за групата на Македонија на СП 2027!

Третата фаза од продажбата на билетите за Светското првенство во ракомет во 2027 година заврши уште пред да започне.

Кон средината на овој месец, организаоторот Германија пушти во продажба нов континенгент билети. За само 30 минути биле продадени околу 15.000 билети, а најголем интерес повторно предизвикаа натпреварите на Германија.

Она што најмногу ќе ги интересира и македонските навивачи е дека билети за групата на нашата селекција во Магдебург и дуелите со Јапонија, Бахреин и Исланд – нема веќе. Ист е случајот и со групата на Данска во Кил.

Билетите за натпреварите на Германија во Минхен и Келн од првата и главната рунда беа распродадени во рок од само неколку минути, односно моментално се целосно искористени достапните контингенти.

Речиси распродадени се и натпреварите од групата со Хрватска во Минхен, како и групата со Фарските Острови и Португалија во Магдебург.

„Брзината со која беа искористени дополнителните контингенти е неверојатна. Особено кај натпреварите на Германија гледаме дека побарувачката и понатаму значително ја надминува понудата. Во исто време, сакаме вниманието да биде насочено кон целиот турнир, бидејќи и на останатите локации навивачите ќе можат да гледаат врвен меѓународен ракомет“, изјави претседателот на управниот одбор на Германската ракометна федерација, Марк Шобер.

Следната и последна фаза од продажбата ќе започне на 1 декември 2026 година, кога повторно ќе бидат пуштени нови контингенти билети, но само од оние скапи пакети и местата во ВИП боксовите.

Светското првенство во 2027 година ќе се одржи во Германија и ќе трае од 13 јануари до 31 јануари 2027 година.