Женската репрезентација на Македонија од утре ја очекува настапот на турнирот „Трофеј Македонија“ во Охрид и пријателските натпревари со селекциите на Хрватска, Србија и Црна Гора.
Македонските репрезентативки од понеделникот тренираат во Охрид под водство на новиот селектор Игор Марковиќ, а најголемиот дел од нив играат во одлична форма на стартот на новата сезона.
Капитенот Сара Ристовска се враќа во националниот тим по долга пауза поради повреда и одново ќе биде лидерот на Македонија. На последниот меч на Рапид Букурешт против Корона Брашов, таа постигна два гола, а во претсезоната беше меѓу најдобрите во романскиот состав и покажа дека се враќа во старата форма.
Уште една повратничка во националниот тим, Моника Килдан Јанеска, е лидер на составот на Бурса и постигна седум погодоци на последната средба против Трабзон, додека Андреа Седлоска која го смени клубот и сега игра во турскиот Ускудар, даде четири гола во триумфот кај Гозтепе.
Голманското трио – Илиќ (Плзен), Петковска (Калиш) и Гошевска (Ѓорче Петров 2), брани на солидно ниво, а во одлична форма е левиот бек Ангела Јанкуловска, која постиигна шест погодоци во дресот на словачкиот состав Дунајска Стреда на последниот меч од Регионалната МОЛ лига.
Tриото од шампионот Ѓорче Петров – Бојана Коцева, Ана Марија Коларовска и Емилијана Ризоска исто така е во добар ритам, особено Ризоска која најчесто е најдобар стрелец и на домашните и на регионалните средби. Капитенот на Вардар, Леона Миленкоска, исто така одлично ја стартуваше сезоната.
Од Таида Беровиќ допрва се очекуваат уште подобри изданија, иако покажа дека во Спартак ќе биде едно од главните оружја. Ива Младеновска нема голема минутажа во Борусија Дортмунд, а ист е случајот и со Сара Стефаноска во унгарскиот Естерхази.
Марија Гугуљанова исто така допрва ќе треба да ги покаже своите квалитети во полската Пјотрковија, иако имаше добри партии во претсезоната. Дуото Јована Кипријановска и Ивана Арсениевска, кои се заедно во Старт Елблаг, тргна со два порази, а на последниот меч против Радом на гостински терен, Кипријановска даде три гола. Исто толку постигна и Ивана Гакидова за Калиш на последната средба против Лублин.
Кружниот напаѓач Ивана Џатевска имаше три гола и добар настап во одбраната на последната средба за Сомбатељ кога доби одлична минутажа, а Катерина Дамјаноска, одлично се снаоѓа на стартот на нејзината прва авантура во странство, иако нејзиниот романски клуб Таргу Муреш има четири порази на стартот.
Оваа репрентативна акција ќе ја пропуштат Јована Мицевска Митев, како и повредените Марија Јанкуловска и Теодора Дукоска.
Севкупно гледано, со оглед на составите, Македонија треба да ја бара својата шанса за победа на премиерниот меч со Србија, а потоа да се бори да остави што подобар впечаток со Црна Гора и Хрватска, кои практично дојдоа со своите најсилни состави во Охрид.
























