Моќен старт на прилепчани – Шипинкоски и Шабановиќ го решетаа Куманово

Прилеп со победа ја отвори новата сезона во Супер машката лига, откако пред домашната публика го совлада МРК Куманово со 38-31. Избраниците на Наум Танески постигнаа дури 21 гол во првото полувреме и не му дозволија на ривалот да се надева на пресврт.

Ракометарите на Прилеп успешно ја почнаа новата сезона во македонската елита. Пред околу 350 гледачи во салата „Ристе Ристески – Ричко“, прилепчани го совладаа МРК Куманово со 38-31 и ги освоија првите бодови.

Домашниот тим беше подобар во најголемиот дел од натпреварот. Прилеп постигна 21 гол во првото полувреме, а по паузата само ја потврди заслужената победа.

Денис Шабановиќ го постигна првиот гол на натпреварот, а по почетните 1-1, прилепчани ја презедоа контролата. Марковски, Стојановски, Кастратовиќ и Димитриоски се погрижија домаќинот уште во деветтата минута да поведе со 8-5.

Куманово одговараше преку Наум Костов и Омар Солиман Радван. Гостите успеаја да се доближат на 13-12 во 21. минута, но тоа беше последниот момент во кој сериозно се заканија во првиот дел.

Прилеп повторно го засили ритамот. Шабановиќ и Шипинкоски беа незапирливи, а домашниот состав во 26. минута стигна до 20-15. На паузата се замина со водство на Прилеп од 21-16.

Гостите подобро го отворија второто полувреме и со два брзи гола намалија на 21-18. Домашниот тим не дозволи неизвесност и со погодоците на Стојановски, Марковски и Крстески повторно се одлепи на шест разлика – 24-18.

Во продолжението прилепчани целосно ја контролираа играта. Шипинкоски и Шабановиќ продолжија да ја полнат мрежата, додека Ангел Крстески реализираше неколку важни напади.

Највисоката предност Прилеп ја достигна во 49. минута, кога поведе со 33-23. Куманово со двата гола на Закарија Али намали на 33-25, а во завршницата се доближи и на шест негатива, 36-30.

Сепак, прашањето околу победникот одамна беше решено. Крстески и Димитриоски ги постигнаа последните два гола за Прилеп и го поставија конечниот резултат – 38-31.

Никола Шипинкоски и Денис Шабановиќ беа најефикасни кај победникот со по седум гола. Ангел Крстески, Димитар Димитриоски и Андреј Стојановски постигнаа по пет, додека Петар Марковски заврши со четири погодоци.

Важна улога имаше и Владaн Кастратовиќ, кој покрај двата гола подели 11 асистенции. Благојче Трајкоски забележа десет одбрани.

Кај Куманово се истакна Наум Костов со осум гола. Закарија Али постигна шест, а Омар Солиман Радван пет погодоци.

 

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾