Екипата на Вардар го освои петтиот трофеј во Супер Купот, откако славеше над Охрид со 32-31 во драматичен и интересен натпревар, кој беше решен во последните секунди.
Еден од најискусните во редовите на „црвено-црните“, десното крило Гоце Георгиевски, вели дека Охрид е квалитетна екипа, која повторно го покажа тоа во текот на целиот меч.
„Како што кажав, неизвесен натпревар, што се вели, до последната секунда. Сличен натпревар одигравме и во Купот минатата година. Охрид е квалитетна екипа и тоа го покажа и денес. Беше неизвесно до самиот крај, но на крајот успеавме да триумфираме. Добро ја почнуваме сезоната со освоен Суперкуп, а сега мислите ни се насочени кон Лигата на шампионите“, изјави Георгиевски.
Вардар в петок ја почнува сезоната во Супер машката лига, а веќе другиот четврток ќе го направи камбекот во Лигата на шампионите.
„Секако дека ова ќе ни биде дополнителен мотив. Секој освоен трофеј на почетокот на сезоната е многу важен за екипата, носи дополнителна самодоверба кај играчите и мислам дека ова ќе ни биде еден дополнителен импулс за натпреварите што следуваат“, продолжи Георгиевски.
„Црвено-црните“ посакуваат одбрана на тронот во Македонија.
„Тоа се целите на клубот – да ја одбраниме шампионската титула. Вардар секогаш цели највисоко, така ќе биде и оваа година. Се надеваме дека ќе останеме здрави во текот на сезоната, дека ќе го имаме целиот ростер на располагање и на крајот да се радуваме на одбраната на шампионската титула“, заврши Георгиевски.
Вардар нема многу време за радост, бидејќи веќе в петок игра со Еурофарм Пелистер 2.

























